Во Клубот на пратеници, премиерот Христијан Мицкоски одржа презентација за реформската агенда. Премиерот ги објасни предизвиците што нè очекуваат во наредниот период.
Тој очекува работите да се придвижат напред дури на почетокот на следната година во однос на гаранциите дека уставните измени ќе бидат последниот услов на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија.
Како што нагласи тој на денешната средба со новинарите, по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, на Софија, каде што рече дека е вистинско време Македонија да добие некакви гаранции дека нема да има нови барања за продолжување на европскиот пат, разговараше со него и се согласи дека уставните измени се последното барање на нашиот европски пат и дека за ова мора да се добијат некакви гаранции.
„Сепак, за да се реализира ова, мора да има притисок од посилна партија. Очекувам напредок на почетокот на следната година по божиќните и новогодишните празници кон обезбедување гаранција дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија“, рече Мицкоски.