Мицкоски: Претходната влада на СДСМ-ДУИ го запре гасоводот со Грција, сега се гради и очекувам да биде завршен за време на мојот мандат како премиер

Гасоводот со Грција почна да се гради, откако беше запрен затоа што претходната влада на СДСМ и ДУИ создаде спецификации кои не ги исполнуваа критериумите, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања за тоа дали се гради гасоводот со Грција и какво значење ќе има за нашата земја.

„Како Влада, се соочивме со проект кој не се помрднуваше од своето место седум години и кога беше направена некаква евалуација, кредиторите решија да го прекинат. Бидејќи претходната Влада на СДСМ и ДУИ создаде таква спецификација која не ги исполнуваше критериумите дадени од кредиторите. Го ставивме тој проект на брза трака, ја корегиравме и тендерската документација со новото раководство на НОМАГАС“, изјави Мицкоски по свеченото отворање на реконструкцијата на Секторот за управувачки работи во Скопјe.

Тој нагласи дека оваа тендерска постапка е завршена, потпишан е договор со проектната компанија и во моментов се во тек градежните активности.

„Се надевам дека многу наскоро од денес сите заедно ќе започнеме на местото на настанот и ќе уживаме во уште еден проект, кој е многу важен за сите нас, бидејќи пред сè е двонасочен, не е еднонасочен како гасоводот, кој доаѓа од Бугарија. Ова е двонасочно, и ако, и се надевам дека многу наскоро ќе започне и изградбата на северниот интерконектор со Србија“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека со изградбата на овие два гасоводи со Грција и Србија, како земја ќе бидеме на мапата за транзит на гас и многу важни за транзитот на гас од југ, имено од терминалот Александрополис или од други земји извознички на гас како Азербејџан, Катар и други земји, кон Централна Европа.

„Ние како држава добивме и исклучително големо геостратешко значење. Ова е меѓу моите лични цели, кои ќе ги завршиме во овој мандат, во овој прв четиригодишен мандат“, подвлече Мицкоски.

Инаку, Министерството за енергетика, операторот НОМАГАС и изведувачот „Рапид Билд“ го потпишаа договорот за реализација на проектот вреден 59,9 милиони евра на 7 мај годинава. Интерконекторот од Неготино до Гевгелија, кој треба да се поврзе со грчкиот дел што се гради од Неа Месемврија до границата, ќе биде готов за околу две години, додека гасоводот ќе биде оперативен во 2027 година. Со ова поврзување, Македонија ќе може да се снабдува и со природен гас и со течен гас од терминалите во Ревитуша и Александрополис. Компанијата од Куманово „Рапид Билд“ го доби договорот на вториот тендер, со понуда што беше за 12 милиони евра пониска од втората најдобра – српска компанија.