Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, упати честитка по повод 1 Мај, Денот на трудот.
„Денес им оддаваме почит на сите работници, на оние кои го движат општеството напред со својата упорност, одговорност и чесност“, напиша премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка по повод Меѓународниот ден на работниците – 1 Мај.
Работата, како што нагласува Мицкоски, е една од најголемите вредности врз кои се гради достоинството на секој човек и затоа е темел на секоја напредна земја.
„Владата ќе продолжи да биде целосно посветена на подобрување на животниот стандард на своите граѓани и во иднина. Со зголемување на минималната и просечната плата, зголемување на пензиите, поддршка на нови работни места, унапредување на работничките права и намалување на невработеноста, инвестираме во вистински вредности, работа, знаење и луѓе“, нагласува Мицкоски.
Премиерот нагласува дека секој успех започнува од личноста и зависи од неговата самодоверба, стабилност и мотивација.