Силната акција најавена во правдата опфаќа сеопфатни реформи, мора да има систем што ќе функционира, мора да има одговорност за судиите и обвинителите кои не ги исполнуваат етичките стандарди или не се вклучени во коруптивни дејствија, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто за „Фактор“.
„Не ја разбирам загриженоста дека овие реформи може да се сфатат како притисок врз судството. Но, нашиот пристап е вкоренет во почитувањето на владеењето на правото и имаме за цел да ја зајакнеме независноста на судството, а не да ја компромитираме“, нагласува Мицкоски.
Корупцијата, додава тој, е постојано прашање и значајна пречка за економскиот раст, довербата на јавноста и интеграцијата во ЕУ.
„Оваа Влада е посветена директно да се справува со корупцијата, како со системски реформи, така и со решителни постапки. Еден од првите чекори е зајакнување и деполитизација на институциите. Ова вклучува обезбедување дека сите власти работат независно и нема повеќе поединци кои ќе ја користат својата моќ или позиција да наредуваат судења и да конструираат случаи“, нагласува Мицкоски.
Тој нагласи дека зголемувањето на транспарентноста преку дигитализација на јавните услуги е клучен дел од стратегијата на Владата.
„Со намалување на бирократската дискреција во процесите како што се јавните набавки, ќе можеме да ги минимизираме можностите за корупција и секако да ги заборавиме процедурите на склучување договори во четири очи. За искоренувањето на корупцијата ќе биде потребно време, но нашата посветеност за градење на поодговорен систем е непоколеблива. Имаме обврска да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани“, додава Мицкоски во интервјуто.