„Секој што, на кој било начин и во која било форма, е поврзан со случајот во Кочани мора да биде изведен пред лицето на правдата“, нагласи денес премиерот Христијан Мицкоски по надгледувањето на градежните активности на улицата „8 Септември“ во Градско.
Запрашан за коментар за новата сторија на IRL, во која се наведува дека даночни инспектори биле вмешани во случајот Кочани, а не биле вклучени во обвинението, тој нагласи дека случајот го води обвинителството, поточно државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Видовте и во изминатиот период, околу 12 обвинители работеа на овој случај. Ако прашањето е дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде дека не сум задоволен. Токму поради ова го поддржавме разрешувањето на Коцевски во парламентот, додека зошто СДСМ и ДУИ не го поддржаа разрешувањето на Коцевски е друго прашање“, изјави Мицкоски.