Мицкоски: Службите ме следеа незаконски и злоупотребуваа државни ресурси

Премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „360 степени“ зборуваше за неговата физичка потера од страна на службите додека беше лидер на опозицијата, за што истакна дека е класична злоупотреба на државните ресурси, додавајќи дека нема разлика од прислушување кое се случува преку злоупотреба на државни ресурси, за што има лица кои се во затвор.

„Која е разликата меѓу злоупотребата на државните ресурси за прислушување и физичката потера, исто така, со користење на државни ресурси, на лидерот на најголемата опозициска партија во тој момент? Која е разликата? Нема разлика, за тоа има луѓе кои се во затвор. На што, врз основа на наводна информација добиена од доушник, изготвена е белешка која потоа по процедура на агенцијата послужила како алиби за да може институционално да се следи и да се посочи дека не е во ред и тоа се потврдува и од тоа што МВР не била информирана. Врз основа на она што можев да го видам и слушнам од луѓето со кои комуницирам, а кои се вработени во безбедносните агенции, можам да заклучам дека се работи за внатрешна процедура која ги користи ресурсите на овие агенции, кои вообичаено функционираат врз основа на добиените информации, без да има материјални докази“, нагласи Мицкоски во интервјуто за „360 степени“.

Мицкоски појасни зошто смета дека неговото гонење било, како што нагласи, класична злоупотреба на државните ресурси.

„Ова не е во ред за мене и ќе ви кажам зошто. Затоа што ако сум финансирал или инспирирал вооружена формација која претставувала опасност за правниот поредок и Уставот на Македонија и тоа го констатирала една од овие агенции, тогаш логично оваа агенција морала да го извести МВР. Се поставува прашањето зошто не го известил? И јас ти го давам одговорот. Бидејќи во тој период, кога агенцијата тоа го констатирала преку информациите добиени од својот извор, не го известила министерот од причина што тогаш министер бил техничкиот министер Наќе Чулев. Затоа што не е точно. Затоа што ќе се најдеше класична злоупотреба“, рече Мицкоски.

Во однос на евроинтеграциите, тој истакна дека се уште не сме земја членка на Европската унија бидејќи претходната Влада го смени името за да влезе во НАТО и ЕУ, прифаќајќи секаков вид договор што ќе биде ставен на маса, бидејќи како што рече, тие сметале дека на тој начин ќе им се прости делото што го направиле.