Мицкоски: Со заедничка резолуција во ЕП ќе покажеме дека сме добри соседи со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, која би ја потврдила единственоста на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, би била пример за двете земји да покажат што значи добрососедство и меѓусебна поддршка.

Тој не одговори дали имало официјален одговор од Софија на неговиот предлог за заедничка резолуција, но нагласи дека она што го предлага е „одговор на темата што ја отвори бугарскиот претседател Румен Радев“ и неговата изјава дека единствениот услов е само амандман на Уставот и вклучување на македонски граѓани кои се декларираат како членови на бугарската заедница.

„Па реков, во ред, ако ова е единствениот услов, еве, пред да го достигнеме тој услов, да го исполниме, заедно, преку бугарските европратеници, да предложиме резолуција со која заедно, како соседи, ќе го потврдиме посебниот македонски идентитет, посебниот македонски јазик. А потоа, како знак на добра волја, бугарската држава треба да ги спроведе одлуките од Стразбур, кои се однесуваат на човековите права што им се негираат на Македонците во Бугарија, и конечно да го регистрира „ОМД Илинден Пирин“, за да може „ОМД Илинден Пирин“ да предложи свој претставник во Советот на министри за заштита на правата на малцинствата во Бугарија. Еве, да го направиме ова заедно, како добри соседи. Ние имаме наша обврска, тие имаат своја обврска“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Тетово.

Според премиерот, ова е начинот „да се покаже што значи добрососедство и што значи меѓусебно да се поддржуваме“.