Мицкоски: Тоа дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите е докажано од суд

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска обвини дека на денот на изборите ДУИ полнеле кутии за што има потврден случај со пресуда од Управниот суд.

-Не се само информации тоа дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите, имаме и потврден случај тоа е во општина Липково за каде јасно Управниот суд донесе пресуда каде јасно се гледа дека волјата на граѓаните не е таа која е соодветна на резултатот, рече Мицкоски за време на денешната посета на општина Бутел.

Тој вели дека за тоа како партија предупредувале цело време и воедно упати апел за будност. 

-Ние тоа го зборуваме цело време, затоа апелираме цело време, бидејќи имаме индиции дека на уште педесеттина други такви места низ Македонија се полнеле кутии, а излезноста наеднаш по 18 часот се зголемила. Оттука, предупредувам на будност, на внимание, рече Мицкоски. 

Тој кажа и за обиди за купување на волјата на граѓаните.

-Тоа што сведочи од теренот е огромен притисок, обиди да се купи волјата на граѓаните од страна на ДУИ, мислејќи дека ќе направат голем резултат и така ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пред свршен чин да мора да седне и да разговара со раководството на ДУИ, кажа Мицкоски. 

Тој рече дека „е убеден и верува во граѓаните на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми или останати дека нема да го дозволат тоа“. 

-Можам да ви кажам примери во градови како Виница, Кочани, Делчево, Берово каде владини функционери во придружба со полицајци кои се идентификуваат како полицајци имале обиди да поткупуваат дури и во верски објект, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, волјата на народот не е резултатот за Бујар Османи, туку дека таа е многу помала и ќе биде уште помала во периодот кој следи.