Мицкоски: Утврдени се условите за унгарскиот заем, очекувам инвестициски циклус од 800 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања за условите кои компаниите мора да ги исполнат за банкарските кредити за стопанството што ги дава Владата и како тие се распределуваат, рече дека условите за унгарскиот кредит се утврдени, а очекува инвестициски циклус од 800 милиони евра, што е 5 отсто од Бруто домашниот производ

„Одлуката ја одобривме на владината седница во вторник. Со ова практично го овластивме Министерството за финансии да ги префрли средствата на сметката на Македонската банка за поддршка на развојот, која потоа ќе комуницира со деловните банки.

Очекувам оваа комуникација да се случи во текот на следната недела и овој проект официјално да започне. Секоја компанија ќе може да аплицира до 10 милиони евра, ова е еден од условите. Вториот услов е да има сопствено учество од најмалку 20 проценти. Вклучени се сите проекти кои подразбираат набавка и монтажа на основни работни алатки, софтвер и слично, капацитети за производство на обновлива енергија кои ќе произведуваат енергија од обновливи извори.

Понатаму, ги опфаќа и сите компании кои сакаат да инвестираат во административен простор, магацински простор и слично, бидејќи производствената единица треба да се затвори од градежен аспект и таа да се изгради. Затоа очекувам најмалку инвестициски циклус од 300 милиони евра. И заедно со тие 500 милиони евра што ги пренаменуваме на општините, ќе достигнеме вкупно 800 милиони евра, што е 5 отсто од Бруто домашниот производ, ако го проектираме на 16 милијарди евра“, Мицкоски.