Мицкоски чека Ковачевски да го повика на средба

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека немал тајна средба со премиерот Димитар Ковачевски, но оти стои на располагање доколку го повика на јавна средба за усогласување во врска со техничката Влада, тоа да го направи.

Според него, Талат Џафери не ја заслужува подршката на ВМРО – ДПМНЕ за технички премиер и во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.

– Не сум имал тајна средба. Тајните средби не се дел од мојот карактер. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката Влада или за некои други политички процеси што следат, стојам на располагање, само терминот да го усогласиме. Знаете дека јас одамна барам такви средби. Најпрво бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за на крај конечно да се случат тие средби и состаноци лидерски и да се дефинираат изборите. Не гледам зошто тоа би било далеку од лицето на јавноста. Ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања, истакна Мицкоски на денешната прес-конференција на која беа соопштени инвестиции за развој во 15 општини предводени од ВМРО – ДПМНЕ.