Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата за краток период од половина година успеала да ја консолидира економијата, изразувајќи задоволство од податоците за порастот на бруто домашниот производ (БДП) од 3 отсто во третиот квартал од 2024 година (јули , август и септември).
На медиумската конференција посветена на економскиот раст, шефот на Владата рече дека податоците објавени од Државната агенција за статистика ги надминале очекувањата на Владата и прогнозите на Светска банка, нагласувајќи дека „во услови на сложени гео-економски и политички случувања, 3 проценти е меѓу најголемите во ЕУ“.
„Успеавме да ја консолидираме економијата и показателите со кои можеме да се појавиме пред македонската јавност во овој квартал се меѓу најдобрите во Европа. Многу ретко до сега сме имале можност да се пофалиме со економски резултат кој ќе биде еден од најдобрите во Европа. Само пет земји-членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал и регионално, две земји-членки на ЕУ, односно Грција и Бугарија, имаат пониска стапка на раст во третиот квартал, 2,4 отсто. Романија има негативно салдо од -0,3 отсто, Словенија е 1 отсто. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Летонија, Германија итн. Ако се анализираат ревидираните податоци од првите три квартали годинава, тогаш може да се каже дека БДП порасна во просек за повеќе од 2,6 отсто, што е повеќе од прогнозите на некои меѓународни институции, мислам дека тоа беше Народна банка, со што беше предвидено зголемување од 1,8 отсто за 2024 година на БДП на македонската економија“, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Тој очекува сличен и повисок раст во четвртиот квартал (октомври-ноември-декември) од 2024 година, што според него ќе го доближи до годишна стапка од 3 проценти, „што е многу повисока од прогнозата од 1,8 проценти“.
Тој најави дека во третиот квартал од 2024 година поголем раст е забележан во секторите: трговија на големо и мало, транспорт и складирање, сместувачки капацитети и услуги за храна, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услуги.
Како што рече, финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучително и непрофитните институции кои ги опслужуваат домаќинствата, во третиот квартал од 2024 година номинално е зголемена за 3,9 отсто и нејзиното учество во структурата на БДП е 67,7 отсто. Во истиот период, рече Мицкоски, извозот на стоки и услуги номинално е зголемен за 2,0 отсто.
„Покрај историски најголемото зголемување на странските инвестиции, кое до крајот на годината очекуваме да надмине една милијарда евра, овде постигнавме дека по консолидацијата на македонската економија, првите показатели се меѓу најдобрите во Европа. се разбира најдобро во регионот. Не застануваме тука, ќе продолжиме да работиме. За кратко време, да заклучам, имаме плус 3 отсто од БДП и рекордно ниво на странски инвестиции кои, како што рековме, до крајот на годината очекуваме да бидат повеќе од 1 милијарда евра. Можам да кажам дека опоравувањето е на задоволително ниво, секогаш може да биде подобро и ќе се трудиме да бидеме подобри и ќе биде подобро. Што се однесува до мојата лична проценка, можам да кажам дека за краток период ја консолидиравме економијата и можам да кажам дека сум задоволен“, нагласи Мицкоски.
Како што рече, доаѓаат подобри времиња во економијата и потребни се „големи економски чекори“ за да се надомести „изгубеното во последните седум години“, бидејќи, како што рече, Владата пред речиси шест месеци наследи „индустрија во пад, неисплатени плати, јавни претпријатија и доминантни државни акционерски друштва во стечај“.