Мицкоски: 8 мај е можен термин кога би се случил вториот круг претседателски избори заедно со парламентарните
– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека 8 мај е можен термин кога би се одржале вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори.
– И во минатото сме имале таква пракса. Така беше на последните избори 15 јули 2020 година. Затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните. Би имало 72 часа за рокови за жалби, за одлуки и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска во Гевгелија.
Повика на консензус, бидејќи, како што посочи, таква била праксата и порано, односно со консензус на сите политички фактори да се носи одлука околу датумот и времето на одржување на изборите.
– Уставот е јасен, дека мандатот на актуелниот пратенички состав важи до изборот на нов, но не повеќе од четири години. Имајќи предвид дека 4 август 2020 година е формиран Парламентот и од тогаш почнува да важи мандатот на актуелниот пратенички состав, значи дека ние на 3 август мора да имаме нов пратенички состав, рече Мицкоски.
Додаде дека не смее да се дозволи државата да влезе во уставна криза, иако според него веќе е влезена во таква криза, бидејќи Државната изборна комисија (ДИК) од седум има шест члена, односно согласно законот, треба да има четроица претставници на власта и тројца од опозицијата, но сега има четворица од власта и двајца на опозицијата.
– Ако во најскоро време не се номинира претставник на опозицијата, можно е овој процес од самиот почеток да биде предизвикан пред институциите во Македонија. Затоа велам дека веќе сме со едната нога во политичка и уставна криза. А од друга страна, немаме јасни датуми и рокови иако според Уставот и законите јасни се датумите и роковите, изјави Мицкоски.