Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис не се откажува од предупредувањата до соседите. Шефот на грчката влада, искористувајќи го последниот ден од изборната кампања за изборите за Европскиот парламент, не заборави да ги спомене Скопје и Тирана.
За време на говорот на главниот плоштад во Атина, Синтагма, Мицотакис ги потсети Тирана и Скопје дека патот кон Европската унија минува низ Атина. Што се однесува до Турција, Мицотакис побара дефиниција за „континентален гребен“ и дефинирање на ексклузивни економски зони.
„После неделата грчката влада не треба да се троши во дискусии за изборните проценти, туку треба да може да ја продолжи политиката на силна Грција, испраќајќи им порака на нашите северни соседи, дека патот Скопје и Тирана до Брисел нужно минува низ Атина. И дека само почитувањето на законитоста и меѓународните договори може да даде зелено светло“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.
Зголемените предупредувачки тонови на Мицотакис кон Албанија и Македонија се гледаат како одговор од Атина на апсењето на Фреди Белери и етикетирањето на името „Македонија“ од новата владејачка елита во Скопје.
Аналитичарите сметаат дека партијата Нова демократија, која ја претставува Кирјакос Мицотакис, ќе постигне победа на неделните избори за Европскиот парламент. Кирјакос Мицотакис ги повика Грците да гласаат на изборите за Европскиот парламент за да ги заштитат интересите на земјата и да ја зајакнат иднината.
Владејачката централно-десничарска партија Нова демократија на Мицотакис води лесно во последните анкети, а на третото место се главната левичарска опозициска партија Сириза и социјалистичката партија ПАСОК. Нова демократија водеше и на последните избори за Европскиот парламент во 2019 година.