Мицотакис и Ердоган се договориле да се искористи позитивниот моментум и да се интензивира комуникацијата
Мицотакис и Ердоган се согласија дека е во корист на двете земји, позитивната клима создадена во билатералните односи во последните месеци да има континуитет и конзистентност, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер во однос на средбата на Мицотакис со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.
На маргините на НАТО Самитот во Вилнус, средбата на Мицотакис со Ердоган поминала во добра атмосфера, присуствувале и министрите за надворешни работи на Грција и Турција, а биле договорени и конкретни иницијативи.
-Двете страни се договорија да се надоврзат на позитивниот моментум и во следниот период да се активираат повеќе канали на комуникација меѓу двете земји. Се договорија следниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција да се одржи наесен во Солун, соопштија од кабинетот на Мицотакис и додадоа дека за целиот процес надлежни ќе бидат министрите за надворешни.
Паралелно, грчкиот премиер истакнал дека се надева на почести контакти на сите нивоа, „со цел да се изгради клима на доверба и услови кои ќе доведат до подобрување на односите меѓу Грција и Турција.
Грчкиот премиер и турскиот претседател се сретнаа по пауза од над една година, а ова е прва нивна средба по изборите во двете земји, откако и двајцата добија нов мандат од граѓаните.