Мицотакис: Немам институционална улога и не сум премиер, но ќе му се јавам на Ердоган да му честитам
Поранешниот премиер на Грција и претседател на Нова демократија Кирјакос Мицотакис говорејќи за грчката телевизија „Мега“, најави дека ќе му се јави на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган за да му честита за победата на вчерашните избори, јави дописничката на МИА од Атина.
-Денеска ќе му се јавам на господинот Ердоган за официјално да му честитам. Немам институционална улога, не сум премиер, но сметам дека е моја должност да му се јавам и да му честитам и да изразам желба дека подобрувањето на грчко- турските односи, посебно по земјотресите, може да има суштинско продолжение, рече Мицотакис.
Истакна дека е свесен дека „политиките на земјите не се менуваат лесно“, но паралелно објасни дека потребно е двете страни да разговараат, па дури и кога не се согласуваат да постои дијалог.
-Барем да се согласиме за она за кое не се согласуваме, но дури и кога не се согласуваме, тоа не значи дека треба да бидеме на работ на инцидент, потенцираше Мицотакис во интервјуто за „Мега“.
Посочи дека доколку грчкиот народ повторно му даде доверба и по изборите на 25 јуни одново стане премиер и ќе ја претставува Грција на Самитот на НАТО на 11 и 12 јули во Литванија, повторно ќе побара средба со турскиот претседател.
Евентуалната средба, според Мицотакис, би била и можност да се постави рамка за тоа како ќе се одвиваат односите во иднина.
-Имаме една главна разлика, а тоа е одредување на морските зони, односно Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското море и Источниот Медитеран. За други прашања околу милитаризација – демилитаризација, а особено прашањата за суверенитет, Грција едноставно никогаш нема да дискутира, порача Мицотакис.
Додаде дека од друга страна, постои и позитивната агенда, што се однесува на економската соработка и потсети билатералната трговија надминува три милијарди евра.