Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера во врска со земјотресите што ги погодија грчките острови Санторини и Кикладите изјави дека сеизмолозите предупредуваат дека се работи за феномен без преседан, со флуктуации во динамиката, поради што е невозможно со сигурност да се процени развојот на ситуацијата.
Мицотакис истакна дека владата е свесна за финансиската штета што оваа ситуација им ја нанесува на вработените и на работењето на компаниите на овие острови, пишува „Катимерини“.
Според него, сите компании и приватни работодавачи во општините Тира и Аморгос, каде што исто така е прогласена вонредна состојба, можат да ги прекинат договорите за вработување за периодот на оваа вонредна состојба од 1 февруари до 3 март.
Вработените на кои им се суспендирани договорите ќе добијат отштета од 534 евра.
„Ги преземаме сите превентивни мерки по препораките добиени од службите за проценка на сеизмолошки ризик“, нагласи премиерот.