– Србија не е неутрална во однос на војната во Украина, точно е да е воено неутрална, но не и политички, изјави министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ и додаде дека Србија „постојано изразува поддршка за територијалниот интегритет на Украина“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Гласањето во Генералното собрание по повод годишнината од почетокот на војната е уште еден таков показател, а вчерашното испраќање на опрема за обновување на електроенергетскиот систем е апсолутна поддршка за граѓаните. Ние секогаш го објаснуваме тоа со фактот што знаеме што значи разурнат електроенергетски систем, бидејќи ние како граѓани го преживеавме тоа, иако не на минус 20 како во Украина и нашата емпатија затоа е поголема, рече Мишчевиќ.
На седницата на Комисијата на Парламентот на Србија за евроинтеграции, на која таа го презентираше Извештајот за преговорите за пристапување на Србија во Европска Унија за време на претседавањето со Чешка, во периодот од јули до декември 2022 година, кој беше прифатен од тоа собраниско тело, Мишчевиќ рече дека Србија е единствената земја од регионот што ја испратила таа опрема, иако целиот регион ја поседува.
– Континуирано следиме, во контакт сме и со Амбасадата на Украина и преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ. кои се сите хуманитарни потреби од ваков вид, рече Мишчевиќ.