МЛАДАТА ПОЛИТИЧКА СУПЕР-ЅВЕЗДА ОДИ ВО ПЕНЗИЈА – Атрактивната Сана Марин го сврте грбот на политиката и најде работа во американска специјална агенција
Поранешната премиерка на Финска, Сана Марин, која тесно ги загуби изборите во април, претходниот ден поднесе оставка од функцијата претседател на Социјалдемократската партија со надеж дека ќе го оттргне вниманието од нејзиниот приватен живот по четири турбулентни години на чело на партијата.
Сана Марин, која ја објави својата намера да се повлече веднаш по нејзиниот изборен пораз, стана најмладата премиерка во светот во 2019 година на 34-годишна возраст, привлекувајќи го глобалното внимание и помагајќи да се зајакне имиџот на Финска.
Откако ја водеше земјата низ мерките за заштита од вирусот Ковид-19 и економските тешкотии што следеа, Сана Марин стана истакнат застапник за Украина по минатогодишната руска инвазија и успешно ја заврши политиката на Финска за воена неутралност во корист на членството во НАТО.
Сана Марин претходниот ден последен пат претседаваше со партиското собрание, а во краток говор ги повтори критиките упатени против Русија, источниот сосед на Финска. „Русија и нејзините претставници мора да одговараат за нелегална агресија, воени злосторства и последиците од војната“, нагласи Сана Марин.
„Покрај стабилната поддршка на Финска за Украина и Украинците, ние исто така треба да испратиме силна порака за надеж за обновата на земјата, за европската иднина“, додаде таа. Сана Марин, која сега има 37 години, се појави на насловните страници на списанијата Vouge и The Times, има милион следбеници на социјалната мрежа Инстаграм, а обожавателите ширум светот ја гледаат како пример за прогресивните лидери.
Сепак, загриженоста меѓу финските гласачи за прашања како што се имиграцијата и растечкиот јавен дефицит и помогна на десничарската Национална коалиција заедно со крајнодесничарската партија на Финците да ја поразат Сана Марин во април, чија Влада потоа падна.
Таа се соочи со неколку скандали за време на нејзиниот мандат, вклучително и излегување во ноќен клуб среде пандемијата, одржување приватни забави во официјалната резиденција и доброволно поднесување на тестови за дрога, откако видеото од забавата протече во медиумите. Резултатот од тестот беше негативен, објави Сана Марин, а на Финците им се извини кога протекоа фотографиите од забавата во премиерската крајбрежна резиденција, на која се гледаат две познати инфлуенсерки, кои ги прекриле голите гради со натпис „Финска“.
Сана Марин по поразот на изборите изјави дека се надева на помирен живот, а подоцна објави и дека се разведува од сопругот. Таа се заблагодари на партијата за поддршката откако излезе на сцената со песната „Respect“ на Арета Френклин.
Таа официјално треба да го предаде раководството денес откако социјалдемократите ќе изберат нов лидер. Сана Марин ќе остане пратеничка, а се вработила и во американска агенција која ќе и организира разни гостувања, каде што ќе држи платени говори.