Младите чувари на традицијата и гастрономијата од Кратово – амбасадори на градот (Фото)

 Вкусни мали залаци храна од традиционалните гастрономски специјалитети препознатливи за македонската национална кујна, пред сѐ, за кратовското поднебје: мусака, компири со сланина, приошки од компир, баница со компир, питулици со компираци и креирањето концепт на претставување на традицијата на современ начин преку „finger food“ е нешто што остави посебен белег на годинашната традиционална гастрономска манифестација „Компиријада“ во Кратово.

Токму препознатливоста и уникатноста на сите овие специјалитети ја донесе наградата за најдобар штанд на „Компиријада 2023“ приготвени од вредните раце на средношколците-идни угостители од Средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“, Кратов. Под менторство на професорот Младен Мицевски, во соработка со професорката Драгана Андреева Јакимова, средношколците беа наградени со прва награда за најдобар штанд, но нивните труд и псоветеност не останаа незабележани ниту од првиот човек во државата, претседателот Стево Пендаровски, кој ги посети и лично се увери во нивните вештини, умешност и знаења.

-По повикот од кабинетот на претседателот сите останавме збунети, нашиот ангажман и промоција на македонската култура, гастрономија и вештините стигнал до кабинетот на претседателот Пендаровски и тој  дојде на средба со нас. Ние сме многу благодарни за искажаниот интерес и посетата на која заедно со екипата ученици, специјално ги претставивме нивните вештини. Тие имаа можност да разговараат за вештините што ги поседуваат, како ги стекнале, но и за предизвиците со кои се соочуваат. На средбата се подготвуваше во живо катмер печен под вршник, а дополнително гостите ги пречекавме со традиционална кратовска храна, информира професорот Мицевски.

Сара, рече тој, објасни за своето хоби кое полека прераснува во можност за бизнис, плетење на играчки, а Рената импресионираше со своите рачни изработки користејќи ја техниката декупаж. Мери и Милан ја претставија својата креација – сликовницата за деца „Мојот пријател кралот Компирко“ креирана со користење вештачка интелигенција. Давид ги претстави производите на своето занаетчиско семејство, додека Стевче и Тео к’цаа сол.

И претседателот бил одушевен од работата на Младен, еден од најдобрите промотори на Кратово.

-Гастрономијата е еден огромен и препознатлив белег на секоја култура, а изучувањето на една традиција и култура е од особено значење за да не се заборават творештвото, практиките и вештините на нашите предци. Проучувањето на националното гастрономско наследство значи да се зачуваат старите гастрономски традиции и понекогаш да им се даде и некој нов облик или практика. Гастрономското наследство на Македонија е огромно и превкусно. Нашето училиште, СОУ „Митко Пенџуклиски“ Кратово е меѓу ретките формални образовни институции кои ја имаат честа да ја негуваат и пренесуваат македонската гастрономска традиција, додава професорот Мицевски.

Тој вели дека овие прекрасни млади ученички и ученици, со милион предизвици во нивниот живот, а со толку таленти и вештини се мотив за професорите да работат уште по посветено.

-Овие ученици се наши вистински амбасадори во промоцијата на руралниот туризам, македонската традиција и гастрономија, заборавените вештини и занаети, занаети кои добиваат ново, современо руво, промоција на циркуларна економија, градење меки вештини кај младите и истакнување на значењето на креативноста, вели професорката Драгана Андреева Јакимова.

Во квалификацијата угостителски техничар за рурален туризам, учениците го изучуваат предметот „Национална гастрономија“ преку кој теоретски и практично се запознаваат со македонската кујна. Зачувувањето на овие готварски традиции значи и нивно потенцијално идно користење во креирање на туристичката понуда на државата, како и туристичката промоција. Сѐ поактуелен станува и гастрономскиот туризам, па и оваа можност во иднина би требало да биде во преден план за националниот, но и локалниот туристички развој.

-Идните угостителско-туристички кадри кои ги образуваме би требало да имаат капацитет да развиваат свои бизниси и да работат на полето на подобрување на туристичката понуда преку понуда на традиционална храна, пред сè на странските туристи. Токму тоа се стремиме да го направиме со пренесување на гастрономските традиции кај младите, кои на друг начин не би биле во контакт со ова богатство и не би се искористил тој потенцијал за привлекување туристи. Потребата од образован угостителско-туристички кадар е повеќе од неопходна за успешен развој на туризмот и угостителството, додава Мицевски.

Професорката Андреева Јакимова вели дека покрај стручно-теоретските и практични часови во училиштето кај нивните партнер – компании за обука на ученици, она на кое посветуваат внимание се и учества на разни гастрономски настани на кои се претставува традиционалната македонска храна.

-Токму на ваквите настани ставаме акцент на превкусната кратовска кујна. Имаме реализирано учества на поголем број локални, регионални, национални, но и меѓународни саеми, натпревари, манифестации, телевизиски шоуа и емисии. Преку тоа се трудиме да ги афирмираме нашите вешти ученици, да ја промовираме кратовската и македонската кујна и специјалитети, а дополнително да влијаеме на развојот на гастономскиот туризам, вели Андреева Јакимова.

И учениците кои се дел од настаните се горди и се радуваат што можат да ги претстават традиционалните јадења и вештини истовремено. Сара Ванева, ученичка од завршна, четврта година во туристичко-угостителската струка, вели дека традицијата е едно од најубавите нешта во секоја земја.

-Секоја традиција си носи свои обичаи и свои специјалитети. Со секој нов специјалитет гастрономијата се проширува и затоа мислам дека традицијата е една од поважните работи за развој на гастрономскиот туризам. Исто така, сите активности и сите работи што ги правиме на училиште се многу интересни и за нас учениците, но и за луѓето кои имаат можност да ги видат, дури и да бидат дел од тие активности. Лично јас втор пат учествувам на „Компиријадата“ како дел од групата на СОУ “Митко Пенџуклиски” и сум презадоволна од искуството. Имам учествувано и на други настани од училиштето кои го поттикнуваат туризмот во Кратово, бидејќи навистина градот има голем потенцијал. Мислам дека училиштето и работите што ги учиме навистина имаат дадено добар резултат во развојот на туризмот, вели Сара.

За неа, најомилени и најрепрезентативни специјалитети во Кратово се катмер и пастрмајлија, но смета дека постојат и многу кои не се претставени доволно, како на пример мантии.

-Според мене тие се јадења од Кратово, и многу мал број луѓе кои не се од тука ги знаат, изјави Ванева, која покрај готвењето специјалитети од македонската кујна се занимава и со плетење играчки.

Ива Зарева, од истото училиште, рече дека главна цел на „Компиријада“ е промоција на кратовскиот компир како најсимболичен производ на кратовските земјоделци.

-Позитивниот глас за настанот секоја година е сè поинтензивен, а најголемата заслуга за тоа ја имаат ведрите и вешти раце на учесниците. Кохезијата од креативни ментори и амбициозни ученици си го прави своето. Па така и оваа година, нашето училиште ја закити својата низа успеси со уште две добиени признанија: прво место за најдобар штанд и второ место за најдобар специјалитет – компир пастрамајка. Декоративната поставеност на нашиот штанд имаше своја приказна која беше примамлива за присутните, а главниот акцент паѓаше на учениците кои во живо приготвуваа пици и пастрамајки со водечкиот производ – компир, вели Зарева.

Освен промотивен и натпреварувачки карактер, гласот за комприријадата се слуша надалеку, а нас, додава таа, не ни останува ништо друго освен да ги негуваме убавините кои ни ги пружа мајка природа.

-За добрата организација се погриживме и ние како група волонтери, несебично придонесувајќи за одлично организиран настан, изјави Ива Зарева, која е и младински активист и дел од логистиката на настанот.

Професорот Мицевски изрази голема благодарност за несебичната поддршка до Домот на културата „Лазар Софијанов“ – Кратово и до сите нивни соработници и поддржувачи, од приватниот сектор, но и поединци и занаетчии кои заедно придонесуваат за промоција на Кратово.

-Угостителско-туристичкиот сектор на училиштето реализира и проекти во кои гастрономијата зазема голем удел. Меѓу последните позначајни проекти е оној од програмата Суперучилишта на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) насловен како „Прегрни ги разликите, прослави ги сличностите“. Преку овој проект се реализираа две ученички размени помеѓу нашето училиште и Техничкото училиште од Жагубица, Р.епублика Србија, а целта беше преку гастрономија да се надминат сите културни разлики и предрасуди на двете општини. Учениците учеа едни од други да подготват традиционални специјалитети од своите места, изработија каталог со јадења специфични за сите етникуми кои живеат на териториите на Кратово и Жагубица, а финален продукт од проектот е сосема ново јадење со традиционални гастрономски белези од кратовската и од жагубичката кујна. Специјалитетот „Пастрмајка а ла Хомоље“, направен од тесто за пастрмајка, традиционален за Кратово со маринирана хомољска пастрмка, вели Мицевски.

Интересот на учениците за оваа струка, според него, во моментот е одличен. Учениците напредуваат, особено во практичното совладување на вештините.

Како професор и туристички водич, смета дека угостителската струка дава слобода на креативниот ум и иновативноста.

-Недостигот од угостителско – туристички кадар, веќе потврден на државно ниво, може да смета со сигурност на овие млади професионалци во иднина кои би требало да си го најдат своето соодветно место во професијата и да бидат уште посоодветно ценети за своите вештини и работа, порачува Мицевски.