Многу градови во Република Македонија останаа без електрична енергија неколку часа! МЕПСО: Проблемот е надминат, ситуацијата се нормализира за кратко време
Во раните утрински часови се случи краткотраен дефект и прекин во преносната мрежа од 110 киловолти. Причината за овој прекин се високите напони на 400 киловолтната мрежа низ целиот регион, што влијаеше на нашиот систем и предизвика краткотраен прекин на енергетските трансформатори од 400/110 киловолти на трансформаторските станици, соопштуваат од МЕПСО.
„Ова е регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите оператори на преносниот систем поради ниската потрошувачка на транзит и електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината. Од прекинот, екипите на МЕПСО реагираа веднаш и околу еден час по прекинот, снабдувањето со електрична енергија во земјата беше нормализирано“, соопшти МЕПСО.
Тие информираат дека нивните екипи продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.
„Дополнително, вреди да се напомене дека систематски, преку имплементација на нови инвестиции во тесна соработка со соседните оператори на преносни системи, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, која во минатото беше сериозно запоставена и недоволно одржувана. АД МЕПСО продолжува внимателно да ја следи состојбата и се координира со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и безбедност во снабдувањето со електрична енергија на корисниците“, нагласува МЕПСО.
Голем дел од земјата накратко остана без електрична енергија преку ноќ.