“МНОГУ ЛУЃЕ ТЕШКО ВРЗУВААТ КРАЈ СО КРАЈ…“ – Австријка наследила милиони и сега сака да им ги подели на граѓаните !?
Марлен Енгелхорн (31 г.) од Виена, потомок на основачот на BASF, Фридрих Енгелхорн, наследила повеќе од 27 милиони евра, но и одлучила да подели голем дел од тоа богатство со оние кои немаат.
Богатството го наследила од нејзината баба и сега сака на 50 Австријци да им го прераспредели нејзиното наследство, пишува WDR.
„Наследив богатство, а со тоа и моќ, без да направам ништо за тоа“, вели таа и додава: „А државата не сака ниту данок на тоа“.
Австрија го укина данокот на наследство во 2008 година, со што стана една од ретките европски земји што немаат данок на наследство. Марлен Енгелхорн смета дека ова е неправедно.
Германско-австриската наследничка и општествена активистка Марлен Енгелхорн сака да го даде најголемиот дел од својот имот на јавноста. Комисијата наречена „Добар совет за прераспределба“ ќе одлучува кој точно ќе добие 27 милиони евра. Овој проект е составен од „50 по случаен избор избрани луѓе“, според веб-страница поставена специјално за овој проект.
Во средата во поштенските сандачиња во Австрија почнаа да пристигнуваат 10.000 покани наменети за случајно избрани австриски граѓани.
„На многу луѓе им е тешко да врзат крај со крај со полно работно време и да плаќаат данок за секое евро што ќе го заработат од работа. Јас тоа го гледам како неуспех на политиката, а ако политиката не успее, тогаш граѓаните сами треба да се справат со тоа. Ако политиката не успее, тоа е проблем“, смета таа.
Не е јасно точно колкав дел од наследството и се дава на луѓето, иако уште во 2021 година таа изјави дека сака да се подели барем 90% бидејќи не направила ништо за да го заработи тоа и само имала среќа на „лотаријата за раѓање“. Нејзиниот тим не потврди колку таа ќе задржи, но вели дека задржува некаков вид финансиско „осигурување“.