Наведената сума од шест илјади долари за изнајмување вила за живеење во Вашингтон е целосно неточна. Амбасадорот во Вашингтон живее во стан за кој се плаќа 3.700 долари, што е дозволен лимит за пониските ешалони на вработени во амбасадата и соодветно на цените на наемнините во главниот град на САД, воопшто не претставува предмет на луксузирање, се наведува во демантот од Министерството за надворешни работи во врска со податоците изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за трошоците на нашата Амбасада во САД.
-Во делот за живеење во амбасадата на земјава во САД, кој се спомнува во објавата, сѐ уште живее досегашната вршителка на работите во амбасадата, која и по доаѓањето на амбасадорот Попов продолжува со своите работни активности во амбасадата како дел од дипломатскиот персонал, стои во пишаниот демант од МНР.
ВМРО-ДПМНЕ претходно објави дека „новоименуваниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Попов си изнајмил резиденција за преку 6.000 долари месечно во ексклузивен дел на Вашингтон, Бетезда, иако во склоп на амбасадата има резиденција за амбасадор каде што живееја сите амбасадори до сега“.