Објаснување, зошто бугарскиот претседател Радев ја повикал Сиљановска да се фотографираат пред бугарското знаме, а притоа не е ставено и македонското, ќе се бара преку бугарскиот амбасадор, кој утре е повикан на разговор во МНР.
Од министерството не откриваат дали притоа ќе му биде врачена и протестна нота за постапката која предизвика бурни реакции во македонската јавност.
Од кабинетот на Сиљановска тврдат дека, се` се случило наеднаш, Радев бил тој што иницирал да се фотографираат заедно, претходно не било договорено заедничко фотографирање кај знамињата во претседателската вила во Софија.
Во нивната реакција се вели и дека, „средбата и заедничкиот ручек поминале во извонредно пријателска атмосфера и сакаат да веруваат дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното„.
Македонско знаме немаше ниту на средбата меѓу министрите за култура, но и за двата инцидента засега нема објаснување од бугарските институции.
Денеска повторно се огласија и од опозицијата, за кои реакцијата на кабинетот на Сиљановска само потврдува дека владата и претседателот на државата ги лажат граѓаните.
Средбата на двајцата претседатели беше неофицијална,но дипломатите укажуваат дека, за каква средба и да се работи,освен ако се сретнале случајно во кафуле, протоколот е јасен и знамиња на двете држави мора да има, макар тие биле и мали.