Можно примирје во Газа за неколку дена?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц разговарал со израелскиот претседател Исак Херцог и изразил надеж дека договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа би можел да се постигне во наредните денови.

Преговорите меѓу Израел и Хамас продолжуваат во египетскиот Шарм ел Шеик, со посредство на САД, Катар, Египет и Турција. Според CNN, на разговорите ќе се приклучат и специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер.

Трамп го оцени викендот како „многу позитивен“ и рече дека првата фаза од неговиот мировен план може да биде завршена оваа недела. Планот предвидува Хамас да ги ослободи сите заложници, додека Израел постепено ќе ги повлекува трупите и ќе ослободи околу 2.000 палестински затвореници.

Во преговорите се разгледуваат и деталите околу идното управување со Газа и создавање меѓународни стабилизациски сили во кои би учествувале земји како Египет, Јордан, Турција, Саудиска Арабија и ОАЕ.