Молдавија се повлече од Евровизија само неколку дена по аудициите за националниот натпревар (Видео)

Молдавската државна телевизија ТВМ потврди дека се повлекува од овогодинешниот Избор за песна на Евровизија, кој треба да се одржи во Базел.

Според странските медиуми, веста доаѓа само неколку дена откако земјата ги одржала аудициите за своето национално финале, а се чини дека тие аудиции имале голема улога во нивната одлука.

Имено, директорот на мрежата „Молдавија 1“, Корнелиу Дурнеску изјави дека недостатокот на квалитет „создаде негативна перцепција“ за Евровизија.

„Одлуката не беше лесна, но неопходна во сегашниот контекст. Овогодинешниот национален избор истакна одредени предизвици, вклучувајќи го и падот на јавниот интерес и севкупниот квалитет на песните и уметничките изведби. Ова создаде негативна перцепција кај експертите и кај јавноста, истакнувајќи потребата од значителна реформа во процесот на селекција“, изјави тој.

Заедно со шефицата на молдавската делегација за Евровизија, Даниела Круда, тој изјави дека одлуката доаѓа „по детална анализа на моменталната ситуација, како и економските, административните и уметничките предизвици“. Тие вклучија дури и музички експерти кои исто така ја поддржаа нивната одлука.

И покрај повлекувањето, државната телевизија во живо ќе ги пренесува двете полуфиналиња и големото финале во Базел, нудејќи им на гледачите можност да го следат натпреварот. Со оглед на квалитетот на шоуто, учеството не се сметаше за вредност за парите. Според соопштението, ЕБУ на Молдавија и наплатува партиципација од 21.486 евра.

Потсетуваме дека Швајцарија ќе биде домаќин на 69. издание на Евровизија. Натпреварот ќе се одржи во Св. Јакобшале во Базел. Полуфиналните вечери ќе се одржат на 13 и 15 мај, а големото финале е закажано за сабота, 17 мај.