Момент на целосна искреност од најголемиот подржувач на Владимир Путин: “Нема да живееме доволно долго за да го видиме тоа…“ (видео)
Рускиот политиколог и пропагандист Сергеј Михејев, голем поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин и неговата војна во Украина, досега даваше секакви изјави и создаваше џагор во политичките емисии кои ја поддржуваат војната на руските државни телевизиски канали.
Така, во едно интервју, тој предложи Русија да убие „десетици илјади“ американски војници, за да го промени јавното мислење на американските граѓани за поддршката за Украина. Тој покажа исклучителна „милост“ со изјавата дека Русија може да ја запали цела Украина, но дека тоа нема да го направи бидејќи Русите се луѓе и оцени дека Владимир Путин во споредба со Западот „се води од морални принципи“.
Но, во неговото последно појавување, тој беше значително помалку еуфоричен – всушност, тој беше многу мрачен. Тој на тој начин го изрази својот страв дека Путин нема да го види крајот на инвазијата на Украина, доколку инвазијата продолжи со сегашното темпо.
„Ако се движиме со ова темпо, ќе бидат потребни децении или може да има некаква одлука што ќе биде тешко да се покаже како успех, тоа е очигледно“, кажа тој.
„Ако продолжиме на овој начин и со оваа брзина, јас и вие нема да живееме доволно долго за да видиме какви било успеси“, му кажа тој на водителот на емисијата, озлогласениот пропагандист на Кремљ, Владимир Соловиев и додаде: „Да бидеме искрени со самите себе. Ниту нашето раководство нема да живее доволно долго за тоа“.
„Има работи кои лесно би можеле да ги решиме, како што е блокирањето на можноста на западните политичари да патуваат во Украина, како што сум кажал многу пати досега“, истакна тој.
Тој вели дека патувањата на западните светски лидери во Украина, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Риши Сунак, даваат „сериозна поддршка“ за украинското општество и претседателот Володимир Зеленски.
„Или ќе одиме напред и ќе престанеме да го имитираме суверенитетот и вистински да постигнеме успех, или ќе се повлечеме со колосален неуспех“, изјави Михејев.
Тој додаде дека стравува оти Кина ќе стане „лидер на светот“ кога станува збор за делот од него што е надвор од западната сфера на влијание. „За Русија ќе биде сè потешко да се интегрира во оваа ситуација“, предупреди тој.
Коментарите на овој политички аналитичар доаѓаат откако шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, предупреди дека рускиот фронт во Украина ќе се урне доколку на неговите борци кај Бахмут не им се обезбеди повеќе муниција.