Момчето осомничено за масакрот во „Рибникар“ свесно го сторил делото: Заврши граѓанската постапка

Во Вишиот суд во Белград денеска заврши граѓанската постапка против 27-те членови на деветмината убиени во ОУ „Владислав Рибникар“.

Откако стручните психолози и психијатри завршија со изнесувањето на своите наоди и мислења произлезени од вештачењето на малолетниот сторител на масовно убиство, судењето беше повторно отворено за јавноста.

Инаку, вештаците констатирале дека К.К е целосно способен за расудување и дека делото го сторил свесно.

Во продолжението на судењето, судијката посочи дека барањето да биде сослушана мајката на Софија Негиќ, Миланка Негиќ, е одбиено како неосновано.

Таа посочи и дека сите предлози за кои судот се уште не одлучил се отфрлаат, исто така како неосновани. Судијата истакна дека се прочитани доказите, а се изнесени и завршните зборови. Застапникот на семејствата Огњен Божовиќ во завршниот говор истакна дека судот „е должен да ја земе предвид причинетата нематеријална штета“.

– Одлуката на судот треба да биде усогласена со социјалната цел, тоа е барање на овие луѓе да ги разберат причините што довеле до убиство на децата на училиште – рече Божовиќ. Тој истакна дека масовното убиство во „Рибникар“ ги променило животите на семејствата, нивните соседи, пријатели и целото општество.

– Судот треба да постави граница, за да не се толерира вакво однесување и вакво нешто никогаш повеќе да не се повтори – заклучи Божовиќ.

Државниот правобранител, инаку застапувајќи го училиштето во оваа парница, посочи дека судот треба да го отфрли тужбеното барање кога станува збор за ОУ „Владислав Рибникар“.