Момче го изгуби видот поради петарда

Запалил петарда што ја нашол на улица, па малолетник во Загреб заврши во болница со тешки повреди.

Со запалка активирал пиротехничко средство, најверојатно фрлено, соопшти хрватската полиција, повикувајќи ги родителите да ги предупредат децата за опасноста од пиротехнички средства.

Хрватска тв „Нова“ објави дека се работи за 14-годишно момче кое на улица пронашло петарда и ја запалило со запалка.

„Тешки физички повреди, значи се работи за повреда на десното око со губење на видот, добил и повеќе изгореници на лицето и двете раце, како и повеќекратни изгореници на левата рака“, изјави Марио Куртањек, детски хирург на Клиниката за детски болести во Загреб.

Поради ваквите случаи, петардите од секаков вид се целосно забранети во последните три години, потсетува порталот.

Полициската порака е – воздржете се од употреба на пиротехнички средства, а доколку ги користите, задолжително прочитајте ги упатствата на производителот за безбедно ракување и следете ги.

„Не фрлајте пиротехнички средства под или врз возила, на балкони или под стакло, не користете ги под дејство на алкохол, не фрлајте ги на места каде што има домашни миленици и други животни“, се вели во полицискиот апел.