Момче (10) уби врсник со пиштолот на татко му: Се пофалил со оружјето и го застрелал

Десетгодишно момче од Калифорнија е уапсено под сомнение дека со пиштолот на својот татко убил друго дете, соопштија локалните власти.

Полицијата на округот Сакраменто одговори на извештајот за пукање во предградието Сакраменто Футхил Фармс во 16:30 часот во саботата, јавува АП.

По пристигнувањето на местото на настанот, на паркингот пронашле 10-годишно момче кое крвари од главата и вратот, но и покрај прва помош, на момчето подоцна му била констатирана смрт во болница, соопшти канцеларијата на шерифот на социјалните мрежи.

Момчето, идентификувано како Кит Фриерсон, наводно го напуштило својот стан непосредно пред пукањето за да се вози со велосипед, изјави неговиот братучед за локалната ТВ станица KCRA.

Според соопштението од канцеларијата на шерифот, друго 10-годишно момче отишло до камионот на својот татко за да му земе цигари и во кабината нашол наполнет пиштол, кој го зел и се пофалил дека неговиот татко има пиштол.

„Потоа ја застрелал жртвата и побегнал во блискиот стан“, се вели во соопштението на шерифот.

10-годишниот стрелец е уапсен под сомнение за убиство, а неговиот татко е уапсен поради сомнение за повеќе кривични дела, вклучително и носење украдено, наполнето огнено оружје во возило, загрозување на деца и како додаток на кривично дело.

Властите велат дека момчето се обидело да го скрие и пиштолот, кој го фрлил во корпа за отпадоци, каде што подоцна го пронашле органите на прогонот.

Таткото е во истражен затвор, а кауцијата е одредена на 500.000 долари. Станува збор за поранешен осуденик на кој „законски му е забрането да поседува огнено оружје“, соопштија од шерифот, истакнувајќи дека оружјето употребено во злосторството било украдено во 2017 година.