11-годишно момче почина откако се обиде да направи трик популарен на социјалните мрежи.
Томи Грејси Билингтон (11) почина на 2 март откако се обиде со предизвик на TikTok наречен „хромирање “, кој вклучува намерно вдишување хемикалии за да ги опие учесниците. Според неговото семејство, таа сосема бесмислена игра во еден момент тргнала наопаку, а на момчето веднаш му застанало срцето и починало на лице место.
Животот го загубил во куќата на неговиот пријател во Ланкастер. Како што пренесува Мирор, тој доживеал срцев удар околу 12:30 часот, по што итно бил пренесен во болница, но лекарите не успеале да го оживеат. Полицијата во Ланкастер соопшти дека неговата смрт засега останува „необјаснета“.
Според неговата баба, Тина Барнс, момчето се обидело да го испроба овој тренд на TikTok заедно со неговиот другар.
,,Тој отиде да преноќи кај пријател, и таму умре. Момчињата го испробаа тој глупав тренд. Во болницата направија сè за да го спасат, но ништо… не успеа. Нè остави”, рекла неутешната баба.
Портпаролот на TikTok рече дека нема докази кои сугерираат дека предизвикот е поврзан со платформата и дека таа е во тренд на социјалната мрежа.
Неговата баба Тинa му оддаде почит на нејзиниот внук, опишувајќи го како бистро и енергично момче.
„Имаше златно срце, исто како неговиот татко. Нашето семејство е целосно уништено“, рече Тинa.
Во оваа прилика семејството сакаше да ја подигне свеста за опасноста од социјалната мрежа ТикТок за младите и ги повика гигантите на социјалните мрежи да направат нешто што е можно поскоро за да ги заштитат децата на Интернет.
„Нашето семејство е во ужасна состојба. Не сакаме другите деца да користат TikTok или да бидат на социјалните мрежи. Всушност, сакаме TikTok да биде отстранет и децата под 16 години да не смеат да ги користат социјалните мрежи . Ова нè скрши, но ние сакаме да им помогнеме на другите и да ја подигнеме свеста за семејствата да се грижат за своите деца“, рече Тина.
За трагедијата проговори и мајката на момчето, Шери и ги повика сите родители да внимаваат на своите деца.
„Bе молам скријте го дезодорансот од вашите деца. Ова го чинеше мојот син живот . Децата ги користат овие хемикалии за да ги вдишат и да видат што може да се случи“, напиша таа на Фејсбук.
Што точно е хромирање?
Попознато како дување или вдишување, хромирањето вклучува предизвик за вдишување хемикалии како што се бои, растворувачи, производи за чистење или бензин. Има големо влијание врз централниот нервен систем и доведува до забавување на мозочната активност. Овој многу опасен тренд може да предизвика нејасен говор, вртоглавица, халуцинации, гадење и дезориентација. Исто така, вдишувањето на хемикалии може да доведе до срцев удар или задушување.
Трендот се појави на социјалната мрежа TikTok во 2018 година во Велика Британија. Бидејќи е многу опасен тренд, платформата неодамна ги блокираше сите видеа и објави што го користат овој термин.