„Мона Лиза“ – откриена уште една тајна на познатата слика

„Мона Лиза“, ремек-делото на Леонардо да Винчи, е позната како слика која криела многу тајни. Од начинот на сликање до користените бои, но научниците изгледа открија уште една нејзина тајна – ретко хемиско соединение во бојата.

Според француските и британските научници во студијата објавена во списанието „ACC Publications“, нивната анализа на микро примерок од основниот слој на бојата открила уникатна мешавина од високо сапонифицирани масла (масла во комбинација со бази) и висок процент на олово со бел оловен пигмент на кој му недостасува церузит.

Покрај тоа, тие открија ретко соединение наречено плумбонакрит, соединение кое е стабилно само во алкалната средина на првиот слој на боја. Научниците истакнуваат дека ова е потврда дека Да Винчи користел оловен оксид во прав за згуснување и сушење на бојата.

Тие истакнуваат дека реткото соединение на основниот слој било различно во рецептот за маслена боја, што покажува дека Да Винчи имал намера да подготви густа боја за покривање на дрвениот панел на кој била насликана Мона Лиза.

Но, тоа не е единственото откритие што ги изненади научниците и историчарите на уметност. Покрај плумонакрит, откриено е и соединението шанонит, што е прв ваков случај на историската слика. Иако самиот Да Винчи ги спомнал неговите рецепти за боја во своите белешки, тие не биле прецизни ниту пак откриваат какви соединенија користел при мешање бои, пренесува Спутник.

Како што се истакнува во студијата, овие откритија дадоа вредни нови сознанија за методите и материјалите за сликање на Леонардо да Винчи.