МОН: Тимс-апиликацијата функционира, секој ученик може да пристапи на онлајн-настава со своето корисничко име и лозинка
Министерството за образование и наука добило известувања за проблеми во функционирањето на аликацијата Тимс (Teams) од неколку училишта, но по кратко време вчера учениците се приклучиле на нивните кориснички сметки, велат од МОН за МИА.
-Се користи Тимс-апликацијата која функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн-настава. Добивме известувања од неколку училишта дека имало прекин во функционирањето, односно користењето на Тимс, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки, одговоори МОН во врска со поплаките од ученици дека имаат проблеми во користењето на оваа апликација.
Министерството за образование и наука до директорите на училиштата минатата недела испратило допис за итни мерки што треба да ги преземат за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина.
На основните и средните училиштата во општините МОН им даде насоки и начини на користење на електронските адреси, им укажа да ја зајакнат контролата за влез/излез на училиштата и во деновите кога има заканувачка дојава, училиштето да организира учење на далечина (онлајн-настава) наместо целосен прекин (распуштање) на наставата.
Минатата и оваа недела учениците во прва смена од училиштата што добија пораки со закани имаа обврска за еден час да се вклучат од дома на онлајн-настава преку апликацијата Тимс, која беше користена за настава и за време на ковид-пандемијата.
Дојави за поставени бомби пристигнале и утрово на електронските адреси на 18 училишта во Скопје, каде во тек се антитерористички проверки, соопшти МВР.
-Денеска (02.03.2023) до 08.20 часот во МВР e пријавено дека на електронските адреси на 18 училиштe во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, наведуваат од МВР.
Вчера пристигнаа пријави за наводно поставена експлозивна направа во 120 училишта во Скопје, а по направените проверки од страна на МВР беше утврдено дека станува збор за лажни дојави.