Моравјецки: На територијата на Белорусија има околу 4.000 платеници на „Вагнер“

– Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека во моментов на територијата на Белорусија се наоѓаат околу 4.000 платеници на паравоената група „Вагнер“.

Моравјецки за новинарите изјави дека на состанокот со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, разговарал и за прашањето за присуството на групата „Вагнер“ во регионот.

Тој предупреди дека групата „Вагнер“ е исклучително опасна и дека претставува сериозна закана по безбедноста.

„Според нашите податоци, на територијата на Белорусија има околу 4.000 платеници на ‘Вагнер’, а овој број е нешто поголем според информациите добиени од Науседа“, рече полскиот премиер.

Моравјецки истакна дека присуството на „Вагнер“, исто така, е начин на кој Русија ги тестира реакциите на Полска и нејзините сојузници.