“МОРА ДА ЈА РАЗГЛЕДАМЕ ЦЕЛОКУПНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА“ – Инспектори од Државниот инспекторат за труд започнаа со надзорот во М-НАВ
Тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) денес влегоа во М-НАВ и почнаа со инспекцискиот надзор. Инспекторите со надзорот ќе продолжат и утре, бидејќи станува збор за голема и обемна документација, соопшти директорката на ДИТ, Весна Томовска.
Весна Томовска вели дека ќе ја разгледуваат документацијата околу вработувањата, како и тоа дали синдикатот има најави за штрајк согласно Законот.
„Во делот на вработувањето, дали се реализирани согласно Закон, огласот исто дали е согласно со Закон. Значи во моментов тие две работи ќе се проверуваат, ќе се проверуваат последните вработувања, потоа дали синдикатот има најава за штрајк и дали тоа се е во согласно со законот“, вели Весна Томовска.

Таа додаде дека најверојатно почетни информации за еден ваков надзор ќе има за повеќе од една недела, бидејќи инспекторите мора да ја разгледаат обемната документација, а потоа ќе разговораат и со синдикалниот лидер.
„Значи мора да ја разгледаме целокупната документација“, вели Весна Томовска.
Инспекторите на ДИТ во М-НАВ влегоа по настаните во оваа институција.