Москва ја обвини ЕУ дека ја поддржува „геополитичката конфронтација“ со својата мисија во Ерменија

 Руското Министерство за надворешни работи денеска ја обвини ЕУ дека ја поддржува „геополитичката конфронтација“ со испраќање цивилна мисија за надгледување на нестабилната граница меѓу Ерменија и Азербејџан, каде што Русија има свои мировни трупи.

Оценувајќи дека ЕУ стана поддржувач на САД и НАТО и дека води политика на конфронтација на постсоветскиот простор, руското Министерство за надворешни работи наведе дека европската мисија во Ерменија ќе воведе „геополитичка конфронтација во регионот и ќе ги зајакне постоечките несогласувања“.

Москва е традиционален посредник во конфликтот Ерменија-Азербејџан од 1990-тите, а од војната во 2020 година, таа распореди мировна мисија во Нагорно-Карабах, територија околу која спорат Баку и Ереван.

Сепак, руското влијание во регионот бележи одреден пад поради геополитичката конкуренција меѓу Западот и Турција, но исто така поради руската инвазија на Украина, која ги загрижува нејзините соседи.

Москва оценува дека ЕУ со испраќање на својата мисија се обидува да ги поткопа руските напори за посредување.

Европејците со месеци се обидуваат сами да посредуваат меѓу Ерменија и Азербејџан. Но, мисијата што ЕУ планира да ја испрати не доби одобрение од Азербејџан.

Од друга страна, Ерменија со недели ја осудува Русија дека не делува доволно, наведувајќи дека руската мировна мисија не направила ништо за да ја спречи актуелната блокада во Нагорно Карабах.

Повеќе од еден месец, Азербејџанците кои се претставуваат како активисти за одбрана на животната средина демонстрираа против нелегалните рудници и го блокираа клучниот пат што ја поврзува Ерменија со Нагорно-Карабах, азербејџанска сепаратистичка област населена со Ерменци.

Поради оваа блокада, таа енклава во која живеат околу 120.000 жители, се соочува со прекини на струја и интернет, како и проблеми со греење и пристап до храна и лекови.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска изјави дека ова е „политика на етничко чистење“ и го обвини Азербејџан дека врши економски и психолошки притисоци за да предизвика егзодус на Ерменците од Карабах