МРТВА ТРКА ВО САД – Резлутатите од најновите анкети покажуваат еднакви шанси на Џо Бајден и Доналд Трамп за Белата куќа !?
Шансите на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, за реизбор на функцијата се загрозени од загриженоста на гласачите за неговата возраст, економијата и криминалот, што му дава шанса на републиканскиот предизвикувач Доналд Трамп да се врати во Белата куќа, покажа анкетата на медиумската агенција Reuters.
Истражувањето на јавното мислење покажува дека 80-годишниот Џо Бајден моментално е изедначен со три години помладиот Доналд Трамп, кој е водечки кандидат за републиканска номинација, бидејќи и двајцата имаат поддршка од 39 отсто од гласачите.
Џо Бајден има јасна предност меѓу гласачите кои се најмногу загрижени за заштита на правата за абортус, додека Доналд Трамп е поддржан од оние кои се загрижени за криминалот, покажуваат резлутатите од анкетата.
Излегува дека Доналд Трамп е сè уште многу „жив“ политички, и покрај серијата федерални и државни обвиненија за повеќе злосторства. Се очекува поголемиот дел од следната година да го помине во судници додека води кампања.
Лошата вест за Џо Бајден е што Доналд Трамп има предност во седумте држави каде што претседателските избори во 2020 година беа најнеизвесни, а тоа се Џорџија, Аризона, Висконсин, Пенсилванија, Северна Каролина, Невада и Мичиген. Во тие држави Доналд Трамп сега е поддржан од 41 отсто од гласачите, шест отсто повеќе од Џо Бајден, а 24 отсто се неопределени.
Џо Бајден се соочува и со ризик да ги загуби независните гласачи, кои му донесоа победа пред три години. Доколку изборите се одржат сега, Доналд Трамп би го поддржале 32 отсто од независните гласачи, а Џо Бајден 30 отсто, покажа истражувањето.
Гласачите изразија загриженост за возраста и способноста на Џо Бајден да служи како претседател, при што 77 отсто од испитаниците, вклучително и 65 отсто од демократите, кажале дека тој е премногу стар за да биде претседател, додека 56 отсто се изјасниле дека Доналд Трамп е премногу стар за да биде претседател.
Анкетата е спроведена он-лајн низ САД од 8. до 14. септември, а можните отстапувања се плус-минус два отсто.