– Делегацијата на Република Северна Македонија во Стокхолм, предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска оствари средба со претставници од Министерството за вработување во Шведска.
Целта на средбата, како што информира МТСП, беше појаснување на политиките во однос на родовата еднаквост. Функционирањето на владините структури и агенциите и нотата на родовата еднаквост во нивната работа.
-На состанокот беше разговарано за влијанието на жените во однос на родовите прашања. Особено акцентот беше ставен на политичката волја уште од минатото за креирање на општество каде е застапена родовата еднаквост. Беа презентирани и реформите низ историјата на Шведска кои директно влијаат на унапредување на родовата еднаквост: поделеното плаќање на данок, реформите во јавните детски установи, како и родителското отсуство, кое како што појасни претставничката е донесено во нивната држава уште од 1974 година, се вели во соопштението.
На средбата од страна на претставниците од министерството во Шведска беа презентирани и националните цели во однос на политиките за родова еднаквост. Исто така беше дискутирано за следните чекори во унапредување на родовата еднаквост, владините главни стратегии по ова прашање, родовото буџетирање и родовиот меинстриминг.
– Студиската посета со поддршката на UN Women преку проектот „Советодавни услуги за администрацијата на Република Северна Македонија на централно ниво за интегрирање на родовата еднаквост“ има за цел да ги зајакне капацитетите на институциите во однос на прашањето за родовата еднаквост, се наведува во соопштението од МТСП.