Муртезани: ЕУ е многу повеќе заинтересирана за прифаќање нови членки

„Очигледно е, особено од почетокот на руската инвазија на Украина, дека ЕУ е повеќе заинтересирана за прифаќање нови членки“, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани денес во Копенхаген пред почетокот на неформалниот состанок со неговите колеги од 27-те земји-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, Молдавија, Турција и Украина.

„Европа е многу позаинтересирана, особено со постепената интеграција, за која правиме сè што можеме. Она што треба да го направиме сега е да се осигураме дека напорите што ги правиме ќе дадат резултати што е можно поскоро. Верувам дека до 2030 година сите земји-кандидатки од Западен Балкан можат да бидат членки на ЕУ“, додаде Муратезани.

Според него, денешниот состанок во Копенхаген не е само состанок, туку и порака дека земјите-кандидатки за членство не се изоставени, туку седат на иста маса со земјите-членки на ЕУ.

„Ова е вистинскиот дух на процесот на проширување“, нагласи Муртезани.

Тој нагласи дека мотото на состанокот „Од Копенхаген, преку Копенхаген, до Копенхаген“ уште еднаш ја испраќа пораката дека постои само еден патоказ и збир критериуми за членство во ЕУ – Копенхашките критериуми.

„Поради некои политички пречки, Северна Македонија чека многу долго, но ние сме посветени на нашата европска иднина и се обидуваме да ја обезбедиме“, додаде Муртезани.