Бугарскиот претставник во Работната група за проширување на ЕУ ми кажа дека бугарската страна е подготвена за разговори и испраќа позитивни пораки за воспоставување дијалог, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е во дводневна работна посета на Брисел.
„Мислам дека се создава добар амбиент кој треба да го искористиме не само за воспоставување дијалог, кој треба да постои меѓу соседните земји за градење добрососедски односи, туку и простор што ќе не води кон заемно прифатливо решение, кое на крајот ќе не доведе до ЕУ“, потенцира Муртезани за МИА.
Вчера и денеска, Муртезани имаше средби со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Роепке, генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ), Герт Јан Копман, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), како и со многу други.
На овие средби, според Муртезани, се разговарало за динамиката на спроведувањето на реформите воопшто и особено оние кои се дел од Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.
„Ја искористив можноста да разговарам и за нашиот процес на интеграција. Целосно сме свесни за пречките што ни стојат на патот и кои не спречуваат да ги отвориме преговорите за да станеме полноправна членка на Европската унија, исто како што сме целосно свесни за моментот што диктира дека мора брзо да најдеме решение за да продолжиме напред во овој последен дел од 20-годишниот маратон“, рече Муртезани.
На овие средби, вели Муртезани, се разговарало и за спроведувањето на реформите во земјава, особено за оние кои се дел од реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.