Муртезани-Пападопулу: Северна Македонија и Грција мора да продолжат да работат на зајакнување на регионалната стабилност

Министерот Орхан Муртезани денеска во Атина се сретна со заменик министерот за надворешни работи на Република Грција, амбасадорката Александра Пападопулу, соопшти Министерството за европски прашања.

Како што се наведува во соопштението, на средбата била реафирмирана заедничката заложба за унапредување на меѓусоседските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес.

„Северна Македонија и Грција, како две соседни земји, партнери и сојузници во НАТО, треба да продолжат да работат на зајакнување на регионалната стабилност и економски развој, со посебен фокус на трговските и енергетските врски, инфраструктурните проекти и секторската соработка“, нагласи Муртезани.

Фокусот на разговорите беше на европската интеграција на Северна Македонија, Планот за раст на ЕК за Северна Македонија и реформската агенда на земјата.

„Соговорниците разговараа и за имплементацијата на Договорот од Преспа, при што беа разменети мислења за предизвиците, но и за механизмите преку кои двете страни можат проактивно да ги решаваат прашањата кои произлегуваат од неговата имплементација. Воедно, беше истакнато дека Конечниот договор создаде значајни можности за зајакнување на билатералната соработка и регионалната интеграција, а досегашните резултати покажуваат дека со посветеност и конструктивен пристап може да се надминат сите предизвици и да се искористат сите придобивки што ги носи соработката“, се наведува во соопштението.

Во рамките на разговорите, додаваат, биле разменети мислења и за пошироките регионални случувања, со акцент на европската перспектива на Западен Балкан, потребата од одржување на стабилноста во регионот, како и за актуелните предизвици поврзани со глобалните безбедносни прашања. Беше нагласена важноста од заедничко дејствување во рамките на меѓународните организации, како што се НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа, за унапредување на мирот, демократијата и владеењето на правото.