Муртезани: Реформската агенда повеќе не е хартиен документ, туку секојдневна обврска на институциите
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес на седницата на Националниот совет за европски интеграции изјави дека Агендата за реформи за периодот 2024 – 2027 година, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, повеќе не е хартиен документ, туку секојдневна обврска на институциите и техничка рамка за конкретни реформи во повеќе сектори.
Муртезани нагласи дека ние повеќе не сме земја која само планира европска интеграција, туку ја спроведува.
„Денес зборуваме од позиција на конкретни резултати. Зборуваме од позиција на искуство, решителност и структурирана работа што ја трансформира реалноста. Северна Македонија повеќе не е земја што едноставно планира европска интеграција, ние веќе ја спроведуваме. Нашата реформска агенда за периодот 2024-2027 година, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, повеќе не е документ на хартија, туку секојдневна обврска на институциите, мапа на политичка визија и техничка рамка на конкретни реформи што го менуваат начинот на кој функционираат јавниот сектор, деловната заедница, судството, образованието и енергетиката. Северна Македонија веќе доби признание од Европската Унија како прва земја во регионот што доби претфинансирање во согласност со Планот за раст. Ова не е симболичен гест, туку директно признание дека оваа Влада знае како да креира, презентира и спроведува реформи што се кохерентни, веродостојни и мерливи“, нагласи Муртезани на седницата на Националниот совет за европска интеграција на тема „Статус на спроведување на реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027), идни чекори и предизвици“.
Министерот нагласи дека реформите се веќе на терен и дека спроведувањето на Реформската агенда за 2024 година продолжи со целосно одржуван континуитет и покрај политичката транзиција. Тој истакна дека сите пет почетни чекори од реформата планирани до февруари оваа година се завршени, вклучувајќи го новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, подзаконските акти од Законот за буџети, реформите во изборот на органите на управување на државните претпријатија и кадровските решенија во судството.
„Како потврда за нашата водечка улога во регионот во овој контекст, веќе поднесовме барање за ослободување на 17,1 милиони евра од ЕК. Овие мерки се само дел од Агендата за реформи, која носи дополнителен финансиски поттик од 750 милиони евра за Северна Македонија. Дел од овие средства се за директна буџетска поддршка, додека значаен дел е наменет за инвестициски проекти и социо-економски развој, со јасна врска помеѓу реформите и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните“, потсети Муртезани.