Муцункси – Буено: Потврдена е шпанската поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцункси, за време на работната посета на Шпанија, оствари средба со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарез Буено, на која беше потврдена шпанската поддршка за европските интеграции, со што Буено ја истакна потребата од забрзување на интеграција на државата во ЕУ.

Како што соопшти МНР, тој го изразил своето задоволство за силното партнерство во НАТО и придонесот на Република Македонија во контекст на регионалната стабилност.

На средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји, кои годинава одбележуваат значајна годишнина – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и задоволството од досегашниот развој на билатералната соработка, при што беше истакната заемната посветеност за натамошно зајакнување на пријателските врски и потребата од искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката.

Муцунски го информирал својот шпански колега за реструктуирањето на министерството, новите овластувања, можностите за инвестиции во државата, како и потенцијалот за продлабочување на соработката на повеќе полиња. Нагласувајќи ја важноста од политичката поддршка за интеграциите, министерот изрази благодарност за јасната посветеност на Шпанија за европската интеграција на нашата земја, како и задоволство за силното партнерство во НАТО Алијансата, се вели во соопштението.

Зборувајќи за европската интеграција на Македонија, тој истакна дека новата Влада ги знае обврските што го следат процесот на интеграција и посветено работи во спроведувањето на потребните реформи.

Двајцата министри се согласија дека политичките и дипломатските односи меѓу двете земји и во иднина ќе продолжат да се градат во духот на разбирање и пријателство. Во таа насока, во наредниот период двете страни ќе работат на унапредување на економската и културната соработка, унапредување на спортската дипломатија, а со посебно внимание ќе се разгледа можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу двете земји.

На средбата се разговараше и за организирање на бизнис форумот на кој ќе бидат разгледани можностите за економска соработка меѓу двете земји. Министрите размениле мислења и за воениот конфликт во Украина, како и за политичката ситуација во регионот, се наведува во соопштението.

Во рамки на посетата на Кралството Шпанија, предвидено е министерот Муцунски да се сретне со членовите на комисијата за надворешна политика на шпанскиот Сенат, со потпретседателот на Шпанската бизнис конфедерација (CEOE), Иниго Фернандез де Меса. како и да одржи говор во Кралскиот институт Ел Кано на тема „Интеграцијата во ЕУ како императив за безбедноста, стабилноста и развојот на регионот на земјите од Западен Балкан“.