Муцунски од Будимпешта: Проширувањето е од стратешко значење за релевантноста и иднината на ЕУ

Политиката за проширување е од стратешко значење за релевантноста и иднината на Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својот говор на меѓународната конференција „Будимпештански глобален дијалог 2025“, што се одржува во унгарската престолнина, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни односи и Фондацијата за следење на истражувањата.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и трговија, во својот воведен говор на конференцијата, Муцунски ја истакна потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Во таа прилика, тој нагласи дека посилна и покоординирана Европска Унија, во партнерство со стабилни трансатлантски врски, претставува суштински предуслов за соочување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

Посебен акцент во говорот беше ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оцени како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската Унија. Тој подвлече дека нашата земја и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и напорите за зголемување на конкурентноста и иновациите во Унијата.

Во својот говор, тој истакна дека народот на Северна Македонија ја платил цената за трпението и компромисот, но нагласи дека постојат граници што нема да се преминат – бидејќи, како што нагласи, тие ја дефинираат суштината на нашиот национален идентитет.

„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не можат да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Ние сме посветени на интеграција, но подеднакво и на заштита на нашето достоинство и право да бидеме тоа што сме – без услови, без извинување, без бришење“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека ова не е став од гнев, туку од самопочит, нагласувајќи дека иднината на Европа мора да се гради врз меѓусебно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи“, се вели во соопштението на Министерството.