Муцунски: Стратешкиот дијалог со САД предвидува низа мерки за унапредување на меѓусебните односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, враќајќи се на стратешкиот дијалог со САД, нагласи дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете држави.

„На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио, дефиниравме заеднички приоритети во однос на билатералните и мултилатералните односи, како и зајакнатата трговска и економска динамика. Чекор по чекор, гледаме како се реализираат тие приоритети. Во рамките на дијалогот, ќе отвориме повеќе теми, вклучително и олеснување на визниот режим – не ветуваме дека ова ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на преговарачката маса со администрацијата во Вашингтон“, нагласи Муцунски во интервју за телевизијата „Сител“, зборувајќи за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и интензивната политичка агенда во рамките на 80-то Генерално собрание на ОН.

Тој се врати и на сојузот со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски договор.
„Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички загрижености за европските и глобалните предизвици и секогаш е важно кога ги координираме ставовите и разменуваме мислења на високо ниво. Во областа на тарифите, сме во последната фаза на подготовка на ново решение кое ќе донесе пониски тарифи – и општи и специфични за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме нацрт-текст, преговорите напредуваат успешно и очекуваме финалната верзија наскоро да биде презентирана на јавноста“, додава министерот.

Муцунски, исто така, ја истакна вредноста на бројните средби со светските лидери, нагласувајќи дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните ставови на Владата за сите суштински и стратешки прашања. Тој информираше и за динамичната агенда во рамките на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и за поставување нови приоритети од регионален и глобален интерес.

„Ќе продолжиме да ги користиме сите можности што ги има земјата на мултилатерално поле, бидејќи дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните“, вели министерот Муцунски.