Муцунски: Унгарија останува еден од најгласните и најпосветени поддржувачи на нашите европски аспирации
Договор за стратешка соработка меѓу двете влади и Меморандум за разбирање и спроведување на програмата „Stipendium Hungaricum“ за периодот 2026 – 2028 година потпишаа денес министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Мучунски, и неговиот унгарски колега, Петер Сијарто, кој е во посета на земјава.
Како што нагласи Муцунски на денешната прес-конференција со Сијарто, потпишувањето на овие документи е силен доказ за силниот сојуз меѓу двете земји.
Муцунски информираше дека на денешната средба се разговарало за понатамошно продлабочување на политичките и економските односи, како и за континуираната поддршка на Унгарија за нашите европски аспирации.
„Унгарија останува еден од најгласните и најпосветените поддржувачи на европската перспектива на целиот регион. Ова се докажа за време на нејзиното претседателствување со Советот на ЕУ. Искрено сме благодарни за таа принципиелна и искрена поддршка, особено во контекст на нашите очекувања за напредок во процесот на пристапување во ЕУ. Во годината кога светот одбележува 80 години од победата над фашизмот и 75 години од Шумановата декларација, темелот на европскиот мировен проект, ние остануваме цврсто посветени на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ со јасна и предвидлива динамика“, нагласи Муцунски.
Министерот нагласи дека во областа на надворешно-трговската активност воспоставиле продуктивна соработка со унгарското Министерство, од кое очекуваат конкретни резултати. Тој потсети дека Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на земјата и еден од главните странски инвеститори, што, како што рече, претставува повеќе од солидна основа за понатамошни економски врски.
„Како партнери и сојузници во НАТО, продолжуваме да градиме отворена, искрена и стратешки ориентирана соработка и убеден сум дека оваа позитивна динамика ќе биде дополнително потврдена на 76-от самит на НАТО што ќе се одржи наскоро“, нагласи Муцунски.