Во услови кога се спроведуваат најзначајните реформи во јавните финансии, што се предуслов за забрзување на економскиот раст, но и дел од нашиот пат кон Европската Унија, неопходно е да ги зајакнеме професионалните, стручни кадри во Министерството за финансии, кое е носечка институција во финансиската сфера. Ние ќе ги преземеме сите мерки, високата одговорност која ја преземаат овие вработени кои работат со милијарди евра на граѓаните, но и стручност, да биде соодветно вреднувана, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими истакнува дека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просeчната плата во целиот сектор Финансии 49.800, а во Министерството изнесува 26.000 денари, додека кога станува збор за раководните позиции во секторот Финансии и Министерството за финансии, овој сооднос е повеќекратно повисок.
„Финансиите се крвотокот на секое општество, додека Министерството за финансии е централната институција преку која се овозможува нормално функционирање на сите останати институции. Сепак, и покрај високата одговорност што произлегува од самата надлежност на Министерството за финансии, платите на вработените во Министерството за финансии се значително пониски од платите на одредени органи во состав на Министерството, додека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просeчната плата во целиот сектор Финансии и изнесува 26.000 денари.
Кога станува збор за раководните позиции во секторот Финансии и Министерството за финансии, овој сооднос е неколкукратно повисок. Во време на крупни реформи во јавните финансии и усогласување со acquis на Европската Унија, неопходно е стручните и професионални кадри, да останат во институцијата и да се спречи одливот на кадар, кој се случува изминатите години“, вели Бесими.
Министерот за финансии истакнува дека во оваа насока со амандман на новиот системски Закон за буџети, предложен и поддржан од страна на пратениците во Парламентот, интенцијата беше решавање на прашањето во насока на обезбедување соодветни и фер услови согласно одговорноста.
Но, бидејќи со оваа одредба на Законот не може, да се постигне самата цел на Законот, односно наградување на сите тие што се вклучени во подготовката и спроведувањето на државниот буџет, поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција, примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение ва рамки на јавниот сектор.