Министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Гордана Антулеска – Белческа, апелираа денеска да не се злоупотребуваат термините за во оваа установа.
Во одговор на новинарско прашање зошто пациенти реагираат дека се чека долго за термин и читање резултати, Гордана Антулеска – Белческа кажа дека со оглед на капацитетите со кои располагаат во моментот, тие го даваат својот максимум.
„Имаме три апарати за магнетна дијагностика, таа е многу интересна и премногу барана, дури и злоупотребена како метода. Мислам дека е тука основниот проблем. Треба да се прави правилна тријажа на пациентите, значи да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа апелирам и кон своите колеги, да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние, на кои навистина магнетната резонанца им е неопходна. Во тој случај, ние би биле и далеку поефикасни“, истакна таа, одговарајќи на новинарски прашања на денешната промоција на нови апарати на Радиологија.
Кога станува збор за дополнителен кадар, таа информираше дека дел вработувања се реализирани, меѓутоа сѐ уште не се доекипирани.
Министерот Фатмир Меџити се согласи дека има проблеми во термините на радиологија. Тој кажа оти се случувало на дежурство или во амбуланта, да дојде пациент со петмесечна главоболка и самиот да кажува дали треба да се направи магнет или не.
„Заедно со директорите на радиологија, ќе ги заостриме критериуми, работиме во оваа насока како и во сите други насоки. Тоа што ви кажав на почеток дека веќе работиме навистина интензивно и тоа ќе биде новитет и реалност, таа централизација на радиологија што ја кажавме, но, навистина ни треба време за овие работи. Повторно апелирам до граѓаните да не кажуваат на докторите – навистина и тие да сочувствуваат со нас, да знаат точно дека сепак, докторите одлучуваат кој има потреба, а кој не“, додаде министерот Фатмир Меџити.
Тој кажа и оти во европските земји, во одредено време кога треба кај матичен лекар да се оди, треба со месеци да се чека термин, а ако е итност, за тоа одлучуваат самите стручни лица и лекарите.
Фатмир Меџити оцени дека има подобрување на оваа состојба и оти не се чекало, како што се чекало порано, потсетувајќи дека Радиологија ќе се реновира и оти тоа ќе придонесе да се олесни ситуацијата со термините.
Тој кажа дека сериозно постапуваат како Министерство, со сите колеги на сите установи и работат макотрпно, за да се подобрат овие пропусти и нерегуларности во здравството.
На новинарско прашање дали на специјализанти им се дава да читаат резултати, министерот и директорката одговорија дека тоа е дел од едукацијата, оти работат под надзор, под менторство.
Министерот беше прашан и каква е ситуацијата со големата кашлица во државата, на што тој одговори дека ситуацијата е под контрола.
„Комисијата за заразни болести излезе и кажа точно дека сѐ е под контрола, дека ситуацијата се опсервира цело време и во моментов, нема навистина место за паника, нема некој проблем. Ги надгледуваме случаите. Засега состојбата е стабилна. Утре ќе има седница“, информираше министерот Фатмир Меџити.
Како што додаде Фатмир Меџити, остануваат само двата потврдени случаја. Тој уште еднаш ги повика граѓаните да ги вакцинираат најмладите.