Платите на над илјада функционери повеќе нема да се зголемуваат. Пратениците едногласно и без дискусија ги намалија коефициентите. Тоа нема да им го одземе ланското покачување од 78 проценти, но барем засега е стопирано покачувањето на платите. Сега мора да се најде начин да се ограничат платите на директорите кои ги именува Владата.
Со истиот заклучок, едногласно, без приговори и воздржани, како и без дискусија, во Собранието беа изгласани шест закони со кои од февруари им се ограничуваат платите на функционерите, јавува „Телма“.
Во ограничувањето се опфатени претседателот, замениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, вкупно илјада и 60 функционери. Законите предвидуваат намалување на коефициентот: за првите три позиции во државата: претседател, претседател на парламентот и премиер од 4,50 на 3,91. За пратениците коефициентот наместо 3,5 до 4 ќе биде од 3,04 до 3,92. Со ова минимално намалување се спречува зголемувањето на платите за 15,3 отсто или од 300 на 500 евра.
Но, ова движење на пратениците наиде на многу реакции. Здруженијата на судии и јавни обвинители го нарекоа неприфатливо. Судиите очекуваа дека по шестгодишниот дијалог со Владата ќе има зголемување, а не намалување на коефициентот, а обвинителите потенцираа дека тоа нема да придонесе за нивната финансиска независност според меѓународните стандарди. Конфедерацијата на синдикати смета дека е лицемерна и бара функционерите да ги вратат 78-те проценти или да им ги дадат на работниците.