НАД 100 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ПРИЈАВИЛЕ ДЕКА САКААТ ДА ЗАМИНАТ ОД ИЗРАЕЛ – МНР изготви анализа за можностите кои ќе ги презентира пред Владата
Министерството за надворешни работи соопшти дека изготвило детална анализа и проекција на сите можности кои ќе ги презентира пред Владата, која потоа ќе одлучува за натамошните чекори кои ќе бидат преземени, во врска со помош и евакуацијата на нашите граѓани во Израел каде безбедносната состојба, сè уште останува сложена.
Како што наведува МНР, состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот Брег иако без воени операции останува напната. Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во целосна функција и од таму сè уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови; но бројни авиокомпании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авио превоз е отежнат.
Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштија Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надмина 100. Во овој момент поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање.
Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки, се посочува, се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни; нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома.
Како што претходно објави МНР, според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
За повеќе информации, од МНР упатуваат на СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи – 075/ 273-732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат и на следната веб-страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
МНР, воедно уште еднаш апелира до нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во Амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.