Налогот за апсење на Нетанјаху ја тестира посветеноста на Западот кон меѓународното право

Досегот и кредибилитетот на меѓународното право се на најниско ниво во последните години, бидејќи владите ги отфрлаат налозите за апсење во некои од најпознатите случаи кои треба да се најдат пред Меѓународниот кривичен суд (МКС), се наведува во анализата на Си-Ен-Ен.

Во изминатите 18 месеци, судот со седиште во Хаг издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, како и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и висок функционер на Хамас.

Нетанјаху е првиот лидер на западните сојузници кој судот го обвини за воени злосторства и злосторства против човештвото. Израел поднесе жалби и побара од судот да ги суспендира налозите. Во меѓувреме, неколку моќни држави се одлучија да не ги спроведуваат налозите, додека други отворено ги отфрлија.

Париз на почеток го поддржа налогот за апсење на Нетанјаху, како што жестоко го поддржа налогот и за Путин и ја повтори својата „долгогодишна посветеност за поддршка на меѓународната правда“. Но, само неколку дена подоцна, француското Министерство за надворешни работи го смени својот став, сугерирајќи дека бидејќи Израел не е член на судот, неговиот премиер би можел да биде имун од апсење.

Критичарите велат дека одговорите сугерираат две групи правила: едно за традиционалните сојузници на Западот и друго за неговите непријатели.

Според Џејмс Џозеф, главен уредник на Јурист њуз, Основачкиот договор на МКС ги обврзува 124-те земји потписнички да ги уапсат Нетанјаху и Галант, .

„Се чини дека сè помалку одредени држави ќе ја поддржат оваа обврска. Државите не можат да бараат успех во меѓународната кривична правда доколку не се обврзат да ги поддржуваат правата на сите вклучени“, рече тој за Си-Ен-Ен.

Случајот Нетанјаху беше само последниот удар врз авторитетот на судот. Во септември, Путин отпатува во Монголија без да се соочи со никакви последици. И покрај тоа што беше потписник на Римскиот статут – договорот со кој беше основан судот во 2002 година – Монголија со црвен тепих му посака добредојде на рускиот лидер.

Патувањето беше прво на Путин во земја членка на МКС откако судот издаде налог за апсење против него во март 2023 година за неговата наводна улога во военото злосторство за незаконско депортирање на украински деца.